Посебните предмети уште од оваа година треба да почнат да функционираат и ќе функционираат како посебни предмети, барем општествените, зашто тие се проблем – историја, географија, граѓанско образование, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа додаде дека оваа година ќе биде преодна во наставните програми и предмети, а во соработка со Бирото за образование уште веднаш ќе почнат да работата на новите програми и планови.
-Ќе работиме да ги одделиме посебните предмети, да имплементираме она што наставниците и родителите велат дека не функционира и не дава ефект, за следната 2025/2026 година да бидеме комплетно готови со надградената, променета концепција, со нови наставни планови и програми и со нови учебници, најави Јаневска.
За концептот што го воведе нејзината претходничка Мила Царовска, Јаневска рече дека нема во целост да се менува и дека добрите решенија ќе останат.
-Не најавив укинување на таа концепција, туку промени, реформа во таа концепција. Многу пати кажав дека би сакала да имаме некаков контиунитет во образованието и сега велам, тоа што сметаме дека во концепцијата е добро, а има добри нешта, ние ќе ги завршиме. Од вчера, од мојот прв ден во МОН, бараме начини како да ја подобриме, измениме и доградиме концепцијата. Денеска ќе се сретнам со директорот на Бирото за образование за да се договориме за деталите. Она што е ветено, ќе се оствари, подвлече министерката.
Таа додаде дека за учениците во основното образование ќе има учебници на почетокот на учебната година, а за средноколците ќе има во најголем дел.
-Да, во септември ќе има учебници. За основно ќе има за сите учебници и за средно во најголем дел ќе ги имаат учебниците, нагласи Јаневска која беше на поставување камен темелник на основно училиште во Драчево.