Јаневска: Наставниците и учениците треба да остануваат шест часа во училиштата но тие ќе остануваат и подолго

Учениците нема цел ден да бидат над книга и ќе имаат време и за спорт, информатика, претприемништво и нови содржини поврзани со образовната реформа, а за тоа да се овозможи потребно е наставниците да се ангажираат дополнително во корист на компетенциите на учениците, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со новината учениците од шесто до деветто одделение да остануваат по шест часа во училиштата.

– По закон наставниците и учениците треба да остануваат шест часа во училиштата. Тие ќе остануваат и подолго од шест часа, зашто тоа е нашата реформа. Реформата е што подолго учениците да бидат во училиштата за да стекнуваат што повеќе знаења на различни начини. Реформата е наставниците да станат функционални во корист на учениците. Познато е дека имаме вишок наставници, а помалку деца. Но, ние не велиме дека има вишок, нам ни требаат наставници. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања. Домашните истражувања покажуваат дека нашите ученици каскаат зад своите врсници од странство. Учениците нема цел ден да бидат над книга. Екс-катедра лекции веќе нема никаде. Учениците ќе имаат многу спорт, информатика, претприемништво, интерактивна настава, домашно во форма на истражување, да научат мирно решавање проблеми, препознавање булинг, прифаќање на различностите. Сето тоа, досегашниот образовен систем не го обезбедил. Затоа наставниците ќе треба дополнително да се ангажираат. На децата нема да им биде тешко, ќе имаат пауза, ќе имаат и некој празен час да се одморат, да се дружат, да си завршат некое домашно. Не е ништо страшно. Затоа почнуваме да го имплементираме ова таму кајшто има услови. Онаму каде што наставата се одвива во две смени, не очекуваме да се применува, изјави министерката Јаневска по потпишувањето на партнерство меѓу групацијата НЕЛТ и УНИЦЕФ за унапредување на стручното образование преку практична настава за зелени вештини.

 

Претходна вестГаши: Уставниот суд ќе го унапреди албанскиот јазик, ние политичарите треба да го изедначиме со македонскиот
Следна вестПоевтинува само ЕУРОСУПЕР БС-95