Поради нерегуларности затворени се два института од страна на просветната инспекција, изјави денеска Весна Јаневска, министерка за образование.
Таа информира дека кај некои универзитети се утврдени нерегуларности, а дека државната просветна инспекција работи по сите пријави што стигнуваат до МОН со цел утврдување на нерегуларностите.
-Кај некои од универзитетите веќе сосема при крај е процесот, односно постапивме со наплата на казни на рецензенски комисии, декани и ректори. Во Штип веќе имаше една контрола, го чекаме извештајот, но битно е дека сите универзитети ќе го поминат овој процес и секаде каде што ќе бидат завршени процесите, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите. Досега во три универзитети има пронајдено неправилности, прецизира Јаневска.
Според неа, нерегуларности нема само кај универзитетите, туку тие се констатирани и кај одредени институти.
-Да, најдени се неправилности не само во универзитетите туку и во институтите. Процесот на затворање два института е комплетно завршен, продолжува во овој момент, најверојатно, и за уште три, објави Јаневска непрецизирајќи притоа за кои институти се работи.