Јавни обвинители бараат продолжување на притворот за четворица обвинети за етнички инциденти

Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката и до надлежниот суд поднесе обвиненија против вкупно четири лица кои во различни настани во изминатите денови извршиле дејствија кои содржат елементи на кривичното дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик. За четворицата на кои во текот на претходната постапка им беше определен притвор, јавните обвинители побараа од Основниот кривичен суд Скопје да им ја продолжи притворската мерка.

Тројца од обвинетите на 28 ноември, по повод прославите на Денот на албанското знаме, со палење, уништување и кинење на државното знаме на Република Северна Македонија предизвикале чувства на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност и го изложиле на подбив националниот симбол. Четвртиот обвинет, неколку дена подоцна, на 2 декември, со палење го оштетил знамето на друга држава – Република Албанија, со што исто така предизвикал омраза и нетрпеливост.

Дејствијата на сите обвинети предизвикале говор на омраза што на критичните денови се манифестирал особено на социјалните мрежи со тенденција да прерасне во нови инциденти на насилство.

Претходна вестДвајца скопјани дома чувале оружје кое на граѓаните им е забрането
Следна вестЈаневска бара неколку дена за решавање на случајот со малолетникот и бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“