Предупредување дека им се заканува банкрот и прекин на работата повторно искажаа денеска претставници на 90 јавни комунални претпријатија на дебатата организирана од асоцијацијата АДКОМ.
-Сметките за струја ни се пораснати и за по десет пати, односно, за 1.000 проценти. Тоа ни е неиздржливо. Во ваква ситуација во која се наоѓаме ни се заканува прекинот на услугите и неизвесност за околу 15.000 вработени. Втора опција е Републичка комисија за енергетика и водни услуги да дозволи зголемување на цените со што макар и малку ќе се подобри состојбата, изјавија претставниците на комуналните претпријатија.
Како можно решение тие предложија јавните комунални претпријатија да плаќаат струја по цена од 5,28 денари, како индивидуалните домаќинства, и финансиска помош на државата со покривање на трошоците помеѓу планираните и реалните сметки. Односно, бараат да не бидат на отворен пазар за набавка на струја и да не ја плаќаат по 400, 500, 600 евра.
Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, изјави дека тешката сотојба им е позната.
– Знаеме дека има јавни комунални претпријатија во одредени општини кадешто месечната фактура за електрична енергија е повисока од вкупните приходи на ЈКП. Се кажаа одредени предлози од АДКОМ, за коишто реално РКЕ нема надлежност, бидејќи тоа што го кажуваат да добијат цена како за домаќинства е спротивно на постоечкиот Закон за енергетика. Но, факт е дека на ЈКП треба да им се помогне, рече Бислимоски.
Тој се надева дека преку договорите со Бугарија за набавка на поевтини енергенси, но и со вклучување на капацитетите од ЕСМ, ТЕЦ Неготино, или ТЕ-ТО, ако се најде поевтин гас, би се произведувала поевтина струја, Тогаш, откако ќе се направи заедничко портфолио на јавни претпријатија и македонски компании таа струја би им се давала на користење, по пониска цена. Бислимоски рече дека на европските берзи цената на струјата е екстремно скапа, а дека се надева дека европските регулатори ќе ја ограничат цената на струјата, со што би им помогнале на сите.