Јокиќ ја покори НБА лигата, со импресивни бројки дојде до титулата

Феноменалниот српски кошаркар Никола Јокиќ и неговиот тим Денвер Нагетс станаа шампиони во НБА лигата. Тоа се случи откако синоќа во финалната серија го совладаа Мајами со резултат 4:1.

До својата прва титула тимот од Колорадо дојде пред се благодарение на Јокиќ кој во просек на сите мечеви бележеше 30,2 поени, 14 скока и 7,2 асистенции. Навистина импресивни бројки.

Тој е првиот играч во историјата кој е лидер по бројот на поени, скокови и асистенции во плеј-офот. Јокиќ плејофот го заврши со 600 поени, 269 скока и 190 асистенции.

Јокиќ стана само шестиот играч роден надвор од Соединетите Американски Држави кој е прогласен за МВП на финалето. Српскиот центар испиша нови страници во историјата на најсилната кошаркарска лига на планетата. Тој стана најслабо рангираниот играч на драфтот кој стигна до МВП наградата. Да потсетиме дека Јокиќ беше 41. пик на Нагетс, на драфтот во 2014 година.

Сепак, тој покажа каков спортист е во моменти на најголема еуфорија. Додека неговите соиграчи ја прославуваа историската титула, тој ја одложи прославата за неколку секунди за да се ракува со тренерот и секој играч на Мајами Хит, да им честита на борбата и да каже неколку утешни зборови.

Потоа почна да слави со своето семејство. Неговите браќа облечени во дресови на Никола Јокиќ од српската репрезентација влегоа на паркетот и почнаа да слават. Во моментот кога стигнаа до тренерот Мајкл Мелоун, решија да го земат во раце и да го фрлат.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Го охрабруваме Европскиот совет сериозно да ја разгледа нашата позиција
Следна вестМаж префрлен на Психијатрија откако нападнал медицинари и полицајци