Јордан Пиперката бил од лутата сорта: Не простувал на поробувачите на македонскиот народ

Македонскиот народ секогаш знаел да го вреднува и памети херојството на сопствените херои и револуционери. Нивната храброст, борба, жртва за ослободување на поробена Македонија најчесто била запаметена со тоа што им се испеани песни. Тие песни, потоа, живеaт меѓу народот, се пееја на свадби, други веселби и празници. Таков е и случај со големиот македонски револуционер Јордан Силјанов Пиперковски наречен Јордан Пиперката роден во Козица, 23 јуни 1870, а загинал во битката на Цер на 10 август 1903 година. Тој е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.

-Се собрале комитите, ќе ми одат Суво поле, напред оди војводата – војводата Јордан Пиперка… се почетни стихови на песната со која е опишан само дел од неговите херојски подвизи. Инаку, Јордан Пиперката потекнува од сиромашно земјоделско-сточарско семејство и уште од раните детски денови ја почувствувал сета горчина на тешкиот селски живот во ропствп. Детството го минал во времето на немири и превирања во Македонија. Буен и пргав по природа, тој се разликувал од своите браќа. Односот на турските власти тешко го поднесувал. Познавајќи ја бујноста на својот син Јордан, татко му Силјан, иако притиснат од сиромаштијата и неможноста да го школува, го однел во Битола да учи фурнаџиски занает. Во Битола, Јордан не останал долго.

Опфатен од мислите за тешкиот живот на своето семејство, се вратил во своето родно село. Бил подготвен да му се спротивстави на непријателот, кај Јордана се јавила желба за самостојност и ајдукување. Причини за ова имало повеќе, но непосреден повод била една неочекувана пресметка со група врсници од муслиманското село Другово. До неа дошло во еден пазарен ден кога Јордан сам се враќал од Кичево. Иако сам, тој се спротивставил, но од групата бил претепан.

Длабоко навреден од постапката, по враќањето в село, решил да излезе ајдук и да им се одмазди на напаѓачите. Сепак прво заминал на печалба во Софија, каде го научил фурнаџискиот занает и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните.

Наскоро влегол во Пиринската чета на Дончо Златков. Запознавајќи го подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, ја презрел заблудата од бугарската владина и дворска ослободителна дејност. Затоа одлучил да се врати во Македонија. Неколку години престојувал во Македонија, а во 1895 година Јордан повторно се вратил во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата зел учество во Мелничкото востание. По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија во 1897 година, Јордан Пиперката со својот соборец Марко Лерински пристигнал во Кичевско. Дознавајќи за нивното пристигнување, Организацијата во Кичевско набргу воспоставила контакт со нив. Така во 1897 година била формирана и првата организациона чета на војводата Дуко Тасев во Кичевско. Убиството на Муарем-бег, во кое учествувал и Јордан Пиперката, го принудило тој да ја напушти Македонија и повторно да замине во Бугарија.

Бил одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил наименуван за војвода на Демирхисарскиот реон.

-Нека не се надева ни Србија, ни Бугарија, ни Грција дека една педа земја македонска ќе добие, зашто за нејзиното ослободување ние крвта ќе ја пролеваме, па не ја даваме на друг, туку наша ќе биде, зборувал во тој период Јордан Пиперката.

Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Турците во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите. Со својата брза чета преку ноќта се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба.

Во тој период неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Илинденското востание во Демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но, неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат. Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон село Белица. Преку месноста Скакало и каменестите врвови на село Големо Царско, реонската чета дошла до месноста Грнчарец, над патот Кичево – Битола. Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот за Крушево преку Цер, С’лп, Големо и Мало Церско. Со востаниците било избегано целото население од Цер. Во селото останале само болни и немоќни старци кои биле ѕверски измачувани од Турците, а селото било запалено.

Јордан Пиперката застанал на чело на една група и се упатил кон Цер, но биле забележан и биле нападнати. Меѓу селата С’лп, Големо и Мало Церско започнала борба, а асекрот започнал да стрела и со топови. Четите од Грнчарец се упатиле на помош и судирот се засилил. Сите опколени успеале да се повлечат, освен тројцата загинати, меѓу кои бил и војводата Јордан Пиперката. Тој бил закопан во местоста Черешна во блиската околина на село Велмевци, место од каде што се гледа целата околина како на дланка а на војводата му е подигнат споменик кој се посетува од мештаните на околните села секоја година, традиционално на 2 август — Илинден.

Претходна вестВработен во Шумско внесувал лажни податоци, на тој начин украл над 6 милиони денари
Следна вестПовеќе од 1,3 милијарди луѓе ќе имаат дијабетес до 2050 година