Jавниот превоз ќе продолжи да функционира непречено, а приватните превозници ќе продолжат да возат согласно возниот ред, соопштија од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ откако дел од приватниците најавија дека до петок ќе возат само до 10 часот наутро поради недостиг на финансии за покривање на трошоците.
Во соопштението кое го испратија од ЈСП се посочува дека долгот кон приватните превозници ќе се отплаќа согласно динамиката која ја договориле со в.д. директорот на претпријатието Драги Кушовски непосредно по неговото именување на функцијата.
-Приватниците и Кушовски денеска одржаа втора средба на која го потврдија претходно договореното во однос на исплатата на долгот, а во меѓувреме, ветеното од првата средба од страна на ЈСП е реализирано, со гаранција дека договорот во целост ќе биде испочитуван, посочуваат од Јавното сообраќајно претпријатие.
Дел од приватните превозници најавија дека до крајот на неделава ќе возат само до 10 часот наутро поради недостиг на финансиски средства за покривање на трошоците. Како што укажаа на прес-конференцијата, од јануари годинава, кога зеле само дел од средствата, не им се исплатени пари за услугата што ја даваат.