Кабастиот отпад цел месец бесплатно ќе се собира низ Скопје

Со цел да се намалат грдите слики низ Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ ќе постави контејнери за кабаст отпад на повеќе локации низ градот, во кои граѓаните, редоследно по општини, сѐ до 11 септември, ќе можат бесплатно да ги одложат кабастите работи од кои немаат повеќе потреба.

Најпрво, од понеделник до четврток контејнери ќе бидат поставени во општина Ѓорче Петров и тоа во Ѓорче 2, на автобуска постојка на последна 5-ка, потоа на последната автобуска на линија 4 во населбата Хром, контејнер за кабаст отпад ќе има и кај старата полициска станица и еден во населбата Даме Груев.

Во периодот од 9 до 12 август контејнери ќе бидат поставени и на четири локации во општина Карпош и тоа на улица Женевска кај автобуската постојка на последна 24-ка во Тафталиџе 2, во близина на ресторанот „Македонска куќа“ во Козле, потоа на улица Ванчо Мицков во Долно Нерези и на улица Васил Чакаларов зад Порта Влае.

Од 12 до 16 август контејнерите за кабаст отпад се „селат“ во општина Центар, на паркингот на ЈП ПОЦ спроти „Веро Џамбо“, потоа на улица Питу Гули, кај „Тинекс“ во населба Водно, кај влезот во ООУ „Ј.Х. Песталоци“ и кај кружниот тек во Дебар Маало.

Во општина Кисела Вода контејнерите ќе бидат поставени наредните четири дена, поточно од 17 до 29 август на следните локации – во Паркот на бранителите во Драчево, на улица Христо Татарчев наспроти градинката „8 Март“, потоа кај задниот во средното училиште „Васил Антевски Дрен“ и на улица Наум Охридски во Црниче.

Аеродромци ќе можат да го одложат кабастиот отпад од 21 до 24 август на булевар АСНОМ бр. 68 во населба Јане Сандански, на улица Коста Новаковиќ број 48 во Стар Аеродром, како и на две локации во Ново Лисиче каде контејнерите ќе бидат поставени на булеварите Видое Смилевски Бато број 19 и АСНОМ број 5.

Од 25 до 28 август од кабастиот отпад можат да се ослободат жителите на општина Гази Баба и да ги остават во специјалниот контејнер на улица Маџари, спроти ресторанот „Далиа“ во Ченто или на улица Лазар Поп Трајков, кај месната заедница во Автокоманда, на улица Благоја Стефковски кај КАМ маркет во Триангла или, пак, на улицата Методија Андонов Ченто кај месната заедница „Алија Авдовиќ“.

Четири дена на исто толку локации бесплатно ќе се собира кабаст отпад и во општина Чаир. Контејнерите ќе бидат поставени на раскрсницата меѓу булевар Цветан Димов и улица Коста Абрашевиќ, потоа кај средното училиште „Цветан Димов“, на улица Крсте Асенов број 5 и на раскрсницата меѓу улица Дижонска и улицата Втора македонска бригада.

Во општина Бутел контејнери за кабаст отпад ќе има од 1 до 4 септември кај „Стокомак“ во Скопје Север, на платото кај џамијата во Бутел 2, помеѓу првиот и вториот влез во Радишани и спроти црквата „Свети Јован“ кај трансформаторот во Бутел 1.

Од 4 до 7 септември кабаст отпад ќе се собира во општина Шуто Оризари, кој треба да се остави во специјалните контејнери лоцирани на автобуска постојка на последна 19-ка, спроти затворот и на паркингот зад Општината.

Акцијата за бесплатно одлагање кабаст отпад завршува во општина Сарај каде на 8 и 9 септември ќе бидат поставени контејнерите кај претоварната станица на „Комунална хигиена“ и на локацијата кај старата општина Сарај.

Претходна вестКурти в понеделник ќе се сретне со Мицкоски во Скопје, тврдат косовски медиуми
Следна вестДоделени наградите на 19. „Астерфест“