Објаснување од бугарската страна ќе побара Кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова за неистакнувањето на македонското државно знаме за време на нејзината посета на Софија.
-Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, се вели во одговорот на кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на прашањето на порталот МКД.мк за неистакнувањето на македонското знаме за време на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.
Во одговорот од кабинетот на Сиљановска Давкова се наведува и следното:
-Воодушевена од настапот на Бугарската опера во Скопје со вагнеровата ‘Валкира’, македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, убедена во моќта на културната дипломатија, вети дека ќе присуствува на настапот на Македонската опера во Софија со Вердиевиот „Набуко“. За таа цел, на 13-ти септември ја посети Република Бугарија, придружувана од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
По тој повод, беше договорена тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, г-динот Румен Радев, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“, во изведба на Македонската опера и балет. За жал, трагичниот настан, односно авионската несреќа ги спречи претседателот и неговата сопруга да ѝ се придружат на претставата. Обајцата се извинија за спреченоста.
Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор.
Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна.
На крајот, бугарската оперска публика, позната по префинетиот музички вкус со френетични аплаузи и овации го награди фантастичниот настап на македонските уметници, уште еднаш докажувајќи ја неисцрпната и неограничена моќ на уметноста.