Работиме на изградбата на вештачко езеро во Штип за наводнување и од рекреативен карактер, најави синоќа заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски во гостувањето на ТВ Алфа.
Тој рече дека се работи за браната на река Отиња и дека езерото ќе биде прво од ваков тип и прво во Источна Макеоднија.
-За таа цел на владината седница денеска донесовме одлука со која обезбедиме 2 милиони евра за дополнителни работи и очекувам до крајот на 2026 година да се заврши браната и да се полни езерото, а некаде после година дена после тоа да имаме и ново езеро во Македонија, истакна министерот Николоски.
Тој додаде дека на вчерашната владина седница поминале бројни одлуки кои се поврзани со постапките за експропријација за изградба на автопатите Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола. Тој истакна дека се забрзани постапките за овие два автопати кои се наоѓаат на Коридор 8 и 10 д, се со цел да се заврши комплетно постапката и што поскоро да започнат да се градат.
-Ја забрзавме постапката за експропријација затоа што ако сакаме да градиме автопат мора да имаме прво чист терен. Посебно сме фокусирани на изградба на автопатите Гостивар до Букојчани или народски кажано Стража, како и на автопат од Прилеп до Битола и за таа цел денеска на седница на Влада донесовме бројни одлуки се со цел да поефикасно почнеме да ги градиме овие автопати, рече тој.