Како е напишано во уставите на Германија, Франција, САД…

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Рака на срце, се согласувам со искажаното на северниот премиер или „вршителот на должността“ во северната влада,  дека „лидерство е да донесете одлука за иднината на сегашните и идните генерации“. И не само тоа, постојано ангажиран околу историското „денес“ со паролата – „За татковината, со уставни измени во ЕУ – напред!“, без да му ја мисли за народното (не)одобрување, тој е и храбар! Такви се и сите негови приврзаници, соработници, поддржувачи, апологети! Тие исто така, со епска храброст настапуваат пред јавноста велејќи ѝ дека само избраните политички чинители присутни во Собранието имаат право на мислење и постапки во однос на државните и сенародните одлуки.

Ами, зошто тогаш ние сите излегуваме на избори и гласаме? Зошто, ние д р у г и т е, што не сме застапени политички во законодавниот дом и сме непотребни во општественото делување и одлучување, сме „нападнати“ во предизборјето од претставниците на „парламентарните“ партии (кои сé повеќе личат на корпорации) со ветувања дека секој глас е еднаков и значаен за политичката иднина на државата? Ова е навистина понижувачка, дискриминациска и пред сé нечесна политичка крилатица на „избраните“ и „семоќните“, кои бегаат од  „Референдумот“ како ѓаволот од темјан! Најверојатно оваа ука ја восприемиле од нивните „авнгардни“ ментори за урнисување на суверени држави и негирање на народен интегритет!

Се обидов да видам каков е односот кон „народот“ кај демократски напредните – САД, Франција, Германија. Во Преамбулите на нивните Устави, терминот „народ“ и неговата сила е истакната и призната – „Ние народот…“, „францускиот народ…“, „германскиот народ…“! Впечаток е дека само македонскиот народ има ограничени права и слободи во македонската држава, во која владее октроирана власт, која ја погази граѓанската волја за непромена на ИМЕТО, која донесе (не)уставни амандмани, а ние „другите“ доживеавме кршење на човековите права, видовме политичка и лична дрскост. Веќе пет години Република Македонија институционално е нападната, на нејзината територија има власт која се представува од името на државата „Република Северна Македонија“. Не остана ни трага од државотворноста на асномската визија на македонските првоборци – антифашисти!

Сега e  б у г а р и з а ц и ј а т а  modus vivendi и идеал на владеачкото превосходство во кое парадираат псевдоличности со исклештени лица кои треба да симулираат сéзадоволно општество. Станавме заложници на овие паталошки самобендисани, етички негативци, медиокритети чии вредности се: лицемерието, полтронството, лагата, личното богатње на сметка на општото добро, безличноста, глупавоста и ароганцијата. Ова е општество  „На работ од разумот“ портретирано од великиот Мирослав Крлежа уште во 1938 г. Интересно е што една година по ова дело познато и како „Омаж за глупавоста“, во 1939 г., фашизмот, како хиперболична глупавост, без нималку сочувство, го започна својот воен и геноциден поход во Европа и во Светот, респективно и во Македонија!

Оттука, народецу мој, ти, што си осиромашен – материјално и духовно, пасивизиран и далдисан во политички клиентализам, мора да се осознаеш и зацврстиш, заради борбата што ти претстои против сето она нездраво и  дегенерирано во општеството. Оваа борба е неизбежна (сакал или не сакал ти) и само од вложената мудрост и сила, ќе зависи твојата победа, или пак, победата на твоите противници – псевдодемократите!

 

 

 

Претходна вестДетето кое побегна од дома за да биде уличен актер, а стана актерска легенда – Петре Прличко роден на денешен ден пред 116 години
Следна вестПариз е преплавен со ѓубре, на улиците се појавија и стаорци