Назначувањето на в.д директори немало за цел да се надмине некоја состојба за пополнување на раководно место, туку да се искористи како единствениот начин овие лица да бидат поставени на функција. Ова го покажала анализата која ја направила државната Антикорупциска комисија по проверката на поставување в.д. директори во државните институции. Станува збор за дел од секторите како обрзование, култура, здравство, како и јавните претпријатија.
-Поставувањето в.д. директори се врши во континуитет по неколку пати. Сведоци сме по шест по седум пати, избирано е едно исто лице да биде в.д. директор. Понатаму, не се почитуваат материјалните закони за распишување конкурс за избор на директор. Знаете дека в.д. директор може да се избере за период од најмногу шест месеци, меѓутоа од неговото именување во рок од петнаесет дена, потребно е да се распише конкурс за директор. Ова најчесто не се почитува и в.д. директорите во континуитет се избираат, рече Билјана Ивановска, Претседател на Антикорупциска.
Комисијата посочува примери кога еден ист човек дури и 6 или 7 пати во континуитет е именуван за в.д. директор, иако времетраењето на нивната функција е ограничена. Утврдени се и други неправилности како непочитување на материјалните закони за распишување конкурс за избор на директор, разрешување или т.н. отповикување на директори и пред истекување на мандатот, не се обезбедува избор на директори со фер конкуренција врз основа на приложена програма за работа, изборот и разрешувањето се врзува со одредена политичка гарнитура, постои реваншизам особено кога локалната и централната власт се од различни политички опции што се манифестира со одземање ингеренции.