Каква е логиката на трговците и инспекторите околу цените?

Додека важеа гарантираните цени литар од моето омилено млеко во тетрапак со масленост 2,8 проценти во супермаркетот во којшто постојано пазарувам беше 58 денари. Сега на касата ми рекоа дека чини 70 денари. Се шокирав оти тоа е покачување од 20 проценти, тоа е многу оти знам дека инфлацијата не е толкава и не го купив млекото… Ваква е реакција на еден жител на Аеродром кој синоќа го почувствува бранот на поскапувањето на производи откако на 1 март престана да важи мерката за гарантирани цени за дел од прехрамбените производи, лебот, млекото, јогуртот, тестенините…

Овој граѓанин додава дека е забележително дека производителите и трговците прават и други манипулации.

-Додека важеше мерката за гарантирани цени таа млекарница не произведуваше млеко со масленост од 3,2 проценти. Сега, откако мерката престана да важи, се појави ново тертрапак пакување, но и со висока цена од 73 денари за литар, наведува овој граѓанин.

И други граѓани уште за време на викендот почувствувале зголемување на цените. Во просек, велат дека има поскапувања дури и до 10 проценти кај дел од кашкавалот, сирењето, млекото и месните производи. Повисоки цени има и кај дел од тестенините.

Во дел од поголемите маркети, познати по ниски цени, лебот вчера и натаму се продаваше по цена од 29 денари, а киселото млеко од 400 грама по 27 денари.

Поскапува пополека и овошјето и зелечнукот. Пазарџиите вината ја префрлаат кај големите добавувачи, и велат дека увозните овочја и зеленчук веќе имаат малку поголема цена.

Дали граѓаните во наредниот период ќе почувствуваат и други поскапувања?

Од Државниот пазарен инспекторат деновиве изјавуваат дека се постојано на терен и дека ја следат состојбата и дека кај дел од производите имало зголемување на цени, а кај дел не.

Таа констатација на инспекциите не помага многу, потребна е нивна брза реакција секаде каде трговците и производителите неоправдано ги зголемуваат цените.

Владините функционери деновиве ја смируваа јавноста дека нема да следи големо поскапување. Инфлацијата била смирена, имало редовно снабдување на пазарот, немало зголемена побарувачка по одредени производи… 

-Не можеме да дозволиме трговските маржи за тестенини да бидат и до 70 отсто, како што тоа претходно се случуваше. Секое нелогично зголемување на цените, кое ќе биде надвор од пазарната логика, ќе биде санкционирано, а што тоа ќе значи, знаеме од минатото, изјави неодамна вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Каква е логиката на трговците? Каква е логиката на инспекторите? 

Е, тоа треба да се види деновиве. Ако имаат здрава логика, се ќе биде во ред. Во спротивно…

Претходна вестДенеска состанок на Комисијата за заразни болести
Следна вестКличко: Смената на Залужни е грешка, тој не бранеше од најмоќната армија во светот