Градежниот инжењер, Љупчо Фидановски, одговара на прашањето – кои три работи прво би ги направил, ако тој е градоначаник на Скопје…
- Лек за нашиот сообраќаен менталитет
Колку се почитуваат прописите во сообраќајот доволно можеме да се увериме секојдневно на нашите улици. Кршењето на прописите и создавање на опасни ситуации се постојани, а бројни се и несреќите со многу жртви и повредени лица. Граѓаните се вадат на наш „менталитет“, но лек за него е изрекнувањето на санкции. Како градоначалник би поставил нови камери и би ги ефектуирал постоечките за да служат за казнување на насилниците во сообраќајот. Тоа е технички изводливо и јас тоа би го направил.
2. Уредување на секој запуштен простор
Во речиси секоја населба, од центар па кон периферијата, има запустени простори. Зошто тие простори да не се уредат и оплеменат. И тоа не било како, туку по проекти на стручни експерти, Ова се однесува и на периферните населби и јас тоа што побрзо би го иницирал. Освен ова, би ја унапредил соработката на граѓаните со патролните полицајци кои ги сметам за едни од најважните за функционирање на општините во секој смисол.
3. Тимови за решавање на проблемите
Би оформил и тимови кои стрикно би работеле на конкретни проблеми. На пример, паднал сообраќаен знак, отпаднал бекатон од тротоарите, дупки по сообраќајниците, посебно прилагодување на шахтите со нивото на асфалтот итн. Такви „ситни“ проблеми има насекаде по градот и треба да се решаваат. Но, тоа решавање да има континуитет.