Дали битката против вирусот се сведе на броење заразени и на трите мерки?

Јавноста и денеска ќе ги очекуваат новите бројки за заразени, починати, оздравени и тестирани од корона вирусот во Македонија. Така е веќе подолго време. Но сега веќе се чини како да се влегло во една монотонија во која и големите бројки на заразените и починатите станале „нова нормалност“. Само сега ќе ни верглаат за „кластери“,  а порано беше „пикот“.

Во информациите ќе се провлече и соопштение на МВР за тоа колкумина се ставени во изолација и колкумина не ги почитувале мерките за носење на заштитна маска. И тоа како да е се за тој ден. Утре пак ќе чекаме нови статистики.

Човек едноставно да се запраша дали справувањето со опасниот вирус влезе во некоја рутина во која единствените мерки се повторувањата да се носи маска, дезинфекција на раце и држење на дистанца од два метра? А од друга страна, бројките драстично се зголемуваат.

Тогаш, логично е и прашањето нели може уште нешто да се презема за да се спречи ширењето на вирусот? Сигурно дека може, но нашите надлежни како да се влезени во рутина и како да си ја прифатија „новата нормалност“.

Нема поодлучна акција во спречувањето на масовните собири за кои на социјалните мрежи се објавуваат купишта фотографии. Гледаме свадби, родендени, полуматурски свеченост… Но, не гледаме санкционирање на сето тоа. Недозволиво е со денови некои заразени лица да не кажуваат со кого комуницирале… Не гледаме ни посебни мерки во најкризните жаришта во Скопје. Наместо тоа, од вчера се донесе одлука кафаните да можат да работат до полноќ, се прават деталите за протоколите за изборите, ќе се отвораат границите… Значи, во се друго се оди кон враќање во „нормалност“ освен во она што е примарното – нормално па дури и засилено спречување на ширењето на вирусот.

А и самите граѓани не извлекуваат ли поуки од загрижувачкото ширење на вториот бран? Мора да бидат поодговорни и заради своето здравје и за здравјето на сите околу нив.

Претходна вестСонцево и топло, попладнево дождот пак ќе се врати
Следна вестНаместо 5 милиони евра, партиите од буџетот ќе добијат 1 милион за изборите