Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче ја промовираа новата кампања чија цел е да се зголеми обемот на вакцинација во земјава, но и за борба против „антиваксерското дезинформирање на населението“.
Тие го промовираа рекламниот спот за кампањата, насловена како „За моментите на среќа – вакцинирај се“, каде се прикажани луѓето како патуваат, одат на поголеми прослави, прават свадби, се дружат, а децата одат во училиште без маски. Целта е да се потсетат граѓаните како се живеело пред пандемијата.
-Граѓаните мора да ги имаат точните проверени стручни информации за вакцините. Новиот пик и новиот делта сој потврдува дека една од најсуштинските мерки е масовната имунизација на населението. Со новите мерки што ги донесе владата лежи токму таква цел и тие даваат ефект. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствен начин да се победи пандемијата. За да го поттикнеме овој тренд и да ги охрабриме граѓаните, ја лансираме оваа кампања, изјави Заев.
Според Филипче, вакцината во моментов е најсилното оружје против ковид-19.
-Гледаме дека повеќето смртни случаи и оние со потешки форми се невакцинирани. Сосема мал е бројот на заразени кај вакцинираните. Оваа кампања ќе ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата, треба да ги разбие сите митови и дезинформации и да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат. Ќе се бориме против овие дезинформации кои ги заплашуваат граѓаните и ќе ги разбиеме сите митови, рече Филипче и ги повика младите да се вакцинираат во што поголем број, за да се заштитат себе и околината.
По многу перипетии, чекања на вакцини, кај нас масовната вакцинаација започна на 5 април, со вакцини кои ги обивме од донација. Потоа следуваше период на имање-немање вакцини, за некаде во јуни тоа да се стабилизира. Од април до август (крај) се поминти 4,5 месеци, и не е јасно зошто се чекаше толку долго да се почне со кампања за вакцинација.
Важно е да се каже и дек пред само околу еден месец кај нас започна вакцинација без закажување термини, а притоа беш затворен најголемиот вакцинален пункт во земјава сала „Борис Трајковски“, па со воведувањето на мерките со ограничувања за невакцинираните се сздадоа огромни гужви во пунктовите во здравствените домови. Дури минатата недела се одлучи да се отвори салат во „Борис Трајковски“, но малата.