„Европска недела на мобилност” е активност, односно кампања која на иницијатива на Европската комисија, се спроведува секоја година, во периодот од 16 до 22 септември, соопштуваат од МВР. Кампањата има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето и велосипедизмот.
Согласно тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и МВР во овој период ќе реализираат низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот, а почетокот е денеска во Битола.
-Целта на оваа кампања е формирање на здрави животни навики, чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативни форми на мобилност затоа што возењето велосипед е здрава навика која позитивно влијае на здравјето на луѓето, ја заштитува околината и ја намалува емисијата на гасови. Секојдневно користење на велосипед е неспоредливо поевтин начин на урбана мобилност од кое било друго превозно средство со бесплатно место за паркирање, велосипедот претставува доминантно превозно средство на кратко растојание до 5 километри во урбана средина од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување до целта, а секој велосипед повеќе значи моторно возило помалку, што значи и намалување на сообраќајниот метеж и побезбеден сообраќај, рече Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски потенцира дека возењето велосипед има многу бенефити и мора сите институции да го стимулираат на секој возможен начин, но мора и при управувањето на велосипед да ги почитуваме сообраќајните правила.
-Евидентно е дека во последните години се повеќе се користат велосипедите и дека имаме се повеќе велосипедски патеки, што е за поздравување. Но, како и сите учесниците во сообраќајот, и велосипедистите мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Почитувајќи ги правилата ја обезбедуваме својата безбедност, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Ние во соработка со РСБСП продолжуваме со превентивните, но и репресивните активности во областа на сообраќајот, кои евидентно даваат резултати. 2021 година беше година со најмал број на жртви на сообраќајниците, а трендот на намалување на жртвите продолжува и во 2022 година, рече Ангеловски.