Со слоганот „Македонија повторно горда“ ќе оди кампањата на Гордана Силјановска-Давкова за претседателските избори, објави таа на вчерашната промоција. Според неа, слоганот произлегол од „хроничната и акутна состојба со македонска демократија“ што зборува за слаба држава или држава во пропаѓање.
-Кога велам „Македонија повторно горда“, пред сè мислам на граѓаните, повторно горди. Причината е да се врати надежта, причината е да се врати довербата во демократијата, причината е нацијата повторно да знае дека сите во политиката, вклучувајќи ги и шефот на државата или претседателката на државата, имаат обврска во секој свој чекор и потег да се водат од националните односно од државните интереси, рече Силјановска-Давкова на промоцијата.
Таа додаде дека ако сами не се почитуваме, не треба и не можеме да очекуваме почит однадвор.
-Ако сами немаме самодоверба, нема да ни веруваат. Овие луѓе не заслужуваат доверба, знаат дека тоа не го заслужуваат и немаат ни самопочит. Затоа, мислам дека е време за длабоки промени и реформи. Тогаш малото нема да биде грдо, малото ќе биде убаво. Малите држави се исто така актери во меѓународната политика и ако ние на вистински позиции ги одбереме вистинските луѓе односот кон нас ќе се смени, рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.