Кампањата на Силјановска ќе оди со слоганот „Македонија повторно горда“

Со слоганот „Македонија повторно горда“ ќе оди кампањата на Гордана Силјановска-Давкова за претседателските избори, објави таа на вчерашната промоција. Според неа, слоганот произлегол од „хроничната и акутна состојба со македонска демократија“ што зборува за слаба држава или држава во пропаѓање.

-Кога велам „Македонија повторно горда“, пред сè мислам на граѓаните, повторно горди. Причината е да се врати надежта, причината е да се врати довербата во демократијата, причината е нацијата повторно да знае дека сите во политиката, вклучувајќи ги и шефот на државата или претседателката на државата, имаат обврска во секој свој чекор и потег да се водат од националните односно од државните интереси, рече Силјановска-Давкова на промоцијата.

Таа додаде дека ако сами не се почитуваме, не треба и не можеме да очекуваме почит однадвор.

-Ако сами немаме самодоверба, нема да ни веруваат. Овие луѓе не заслужуваат доверба, знаат дека тоа не го заслужуваат и немаат ни самопочит. Затоа, мислам дека е време за длабоки промени и реформи. Тогаш малото нема да биде грдо, малото ќе биде убаво. Малите држави се исто така актери во меѓународната политика и ако ние на вистински позиции ги одбереме вистинските луѓе односот кон нас ќе се смени, рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестДПИ контра МВР: Пазарните инспектори не ја злоупотребиле службената положба во случајот со менувачниците без лиценци
Следна вестВо манастирот „Св. Великомаченик Георгиј Победоносец“ во с. Рајчица пристигнува копија на  чудотворната икона на Светиот Георгиј Победоносец