Камперите околу Треска пак на протест во вторник: Зошто општина Сарај не одлучуваше заедно со нас?

Сопствениците на викенд приколките околу езерото Треска, добија известување од општина Сарај дека ќе мора да ги иселат од теренот во околината бидејќи таму треба да се гради модерен туристички комплекс со хотели околу езерото. Вака беа известени камперите на крајот на минатата година, но сепак излегоа на протест и го кренаа гласот против одлуката на општината.
До овој момент одлуката е иста, рокот за исселување тече, а камперите најавија протест повторно за во вторник. Она што првенствено ги мачи сопствениците на приколките е фактот што велат дека никој не се консултирал со нив пред да се донесе одлуката:
-Го разбираме планот на општината, просторот околу езерото мора да се среди, ама ние сепак доаѓаме овде често, од околу 500 приколки, најмалку 300 редовно си доаѓаат, можеби ќе имаше начин како заеднички да дојдеме до одлука, а не само да не известат што решиле, реагираат камперите на социјалните мрежи.
-Му текна на градоначалникот и толку?! Ние сме овде редовни посетители, ако решија да не елиминираат требаше да знаеме многу порано, да се направи анкета дали се сложуваме, дали ќе ни се понуди некаква алтернатива, да видиме што ќе кажат околните жители, ние ништо од тоа не видовме, само одлука и крај, реагираат камперите.
Владата пак не мисли така, вика дека околу ќе се градела викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, па така ќе се врател сјајот на езерото. Се одлучи и дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево, кое се наоѓа околу езерото, да се пренамени во градежно, за да може Сарај да направи Детален урбанистички план во кој ќе ги вцрта маркичките за хотелски комплекс и викенд населба. За изградба на овие содржини ќе се бара приватен инвеститор, кој воедно ќе треба да го врати во функција и езерото Треска.

Претходна вестПолицијата растури две домашни забави во Скопје, приведени се 13 лица
Следна вестКонцерт и балетска претстава под маски „Болеро“ во петок во МОБ