Нови двајца кандидати за уставни судии предложени од опозицијата одбиени се денеска од страна на претставниците на владиното мнозинство во собраниската Комисија за прашања на избори и именувања. Предлозите – кандидати за уставни судии Тодор Витларов од Вишото јавно обвинителство во Штип и пензионираниот судија Бранко Секулоски, предложени од ВМРО-ДПМНЕ, денеска не ја добија поддршката. По одбивањето на кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска ова е ново одбивање на предлозите од редовите на опозицијата. За разгледување остануваат уште предлозите на опозицијата за уставни судии да бидат избрани пензионираниот професор Саво Климовски, охридскиот обвинител Воислав Димоски и управната судијка од Битола, Весна Јовановска.
Наспроти ова, два од трите предлог-кандидати предложени од власта, пак, Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева го поминаа комисискиот филтер. Скендер е граѓански судија во Апелациониот суд во Скопје, а Васиќ-Бозаџиева, е вработена во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.
Во собраниската Комисија треба да се дебатира и за предлогот на СДСМ републичкиот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија.
Седницата продолжи со расправа за останатите кандидати, поточно предлогот за судијката од Управниот суд, Весна Јовановска