Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, на денешната прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, одговори на барањата за смена на Комисијата. Тој потенцира дека никогаш со неговата фамилија не биле мафијаши, ниту дека се продаваат за ситни пари, како што пишувало во некои медиуми.
-Не дозволувам влакно да и фали на Комисијата, ниту на нашите семејства. Бараат оставка од мене, сакам ова да отиде во медиумите. Викаат дека сум корумпиран, нека дојде некој да ми покаже дали овој господин ми потпишал нешто за да земам повеќе пари. Ние од Комисијата сме чисти како солза, потенцира д-р Караџовски.
Тој рече дека утре се отвораат нови простории, во Институтот за јавно здравје, со што ќе се убрза процедурата за тестирање од Ковид-19.
-Отвораме нови простории утре наутро, уште едно приемно одделение и ќе ја убрзаме процедурата за земање на тестови. Па така редот од овие 20-30 луѓе што чекаат нема да го има утре. Работиме и прва и втора смена, работиме по 16 часа, за да го надминеме овој проблем. Луѓето грешат сите доаѓаат во 8 часот наутро и затоа се создаваат гужви, рече Караџовски.