Каратето пак докажа дека има иднина

Колумна на Горан Милковски:

Тампере испиша уште една, уникатна страница во историјата на каратето и македонскиот спорт. Ако во 2014 на истото место најсјајно блесна ѕвездата на Емил Павлов, кој првпат стана европски сениорски шампион, во минатиот викенд, младите македонски каратисти четири пати се искачуваа на пиедесталот. Македонија имаше три финалиња, во кои Стефан Стојановиќ стана европски јуниорски шампион, Столе Смилковски и Андреј Басаров вицешампиони, а Матеј Белистојаноски освои јуниорска бронза. На ова првенство македонските каратисти постигнаа резултати кои се меѓу најдобрите во историјата на младинските првенства. Важно е дека медалистите се од четири различни клуба од Аеродром и Карпош, Штип и Прилеп кои се меѓу нашите најголеми карате центри. Иако сите медали се освоени од момците, не значи дека немаме квалитетни девојки во каратето.
Напротив, квалитет има, а тоа го покажуваат високите пласмани, но за медал ќе треба повеќе работа, подобрување на одредени нијанси во тренажниот процес кои ќе придонесат за да не чекаме долго да се радуваме на нова Наташа Илиевска, предизвик и поттик за сите дами како единствена европска сениорска шампионка во македонскиот спорт.
Ова првенство беше специфично, со строги мерки и одложувања поради корона пандемијата, но и тоа не ги поколеба нашите млади спортисти и нивните тренери да работат напорно, да ги жртвуваат и адаптираат летните одмори и на најдобар начин да се презентираат себеси, своите клубови, општини, спортот, федерацијата и државата
на највисоко можно ниво.
Затоа, честитки за сите кои беа на најистурените позиции во Тампере. Пред се, затоа што беа таму во еден турбулентен период и го одработија своето, иако најчесто се
на „тапет” на повеќето субјекти во спортот.Селекторите во борби Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини и Стојан Андриевски во кати, како и еден од најдобрите светски судии Боби Војдиновски, кој беше на висина на задачата и одлично ја претстави Македонија.Конечно, познатата максима „на младите светот останува” во најсуштинска смисла на зборот е применета во каратето, и тоа не само сега, туку во континуитет кој трае со години наназад. И ќе потрае и ќе остане како редок пример и мотивација за сите други спортови, спортски федерации и организации да се обидат да направат нешто слично.
Можеби некогаш ќе успеат, можеби бидат и подобри, но за тоа треба
многу да се потрудат. Овие момци и девојки и нивните тренери покажаа дека заслужуваат и многу повеќе, за и тие самите, а и оние кои се покрај нив да продолжат уште попосветено во следните предизвици. А во нив падови и блескави моменти секогаш ќе има, но ние продолжуваме. Со верување дека во иднина поддршката
ќе биде уште поквалитетна, како награда за сите кои придонесуваат во врвните резултати, но и порамномерна распределба и еквивалентен одговор на она што се
остварено. Затоа што многупати е потврдено дека успесите во спортот се најголемиот поттик кај целокупното население во земјата и најдобар амбасадор надвор од
неа, а здравата младина е нашата иднина, во спортот и воопшто во општеството.

Претходна вестВо Хрватска започна учебната година, учениците со маски
Следна вестМладите ќе се поттикнуваат на вакцинација со пункт на УКИМ