Скопската општина Карпош годинава реши да им помага на граѓаните да ги реконструираат покривите и лифотвите во своите станбени објекти. Според одлуката на општински Совет, оние граѓани кои во својата зграда сакаат да купат нов или да го поправат стариот лифт ќе може да добијат субвенција до 30 проценти од вредноста на проектот, до 250.000 денари, односно, 4.000 евра. Остатокот од 70 проценти од вредноста на инвестицијата ќе треба сами да го доплатат. За санација и поправка на покривите може да добијат до 200.000 денари или до 3.000 евра, а за поправка на покривите на индивидуални куќи до 75.000 денари, или до 1.200 евра.
Вакви помагања оваа општина правела и во минатото и се работи за убава традиција и проект. Секое невреме, со посилен ветер, покажува колку згради во градот имаат лоши покриви, а чести дефекти покажуваат колку лифтовите се дотраени и несигурни.
Оттаму, ова е добар пример на кој би можеле да се угледаат и да го следат и другите скопски општини. Проблемите се слични и во нивните населби. Но, сознанијата покажуваат дека вакви субвенции досега давала општина Центар и ретко која друга скопска општина. Зошто е така, треба да одговорат општинските власти.