Лидерот на Беса, Билал Касами, се сомнева дека неговиот пратеник Кастриот Реџепи не доаѓа на седница бидејќи негде се држи присилно. Тој рече дека од вчера со пратеникот кој напиша дека нема да гласа за паѓање на Владата на СДСМ и ДУИ нема никаков контакт. Во меѓувреме, потврди дека Беса останува на ставот, како што рече, овој режим треба да падне.
-Сѐ додека нема слика и глас на пратеникот, јас се сомневам дека тоа го има кажано против своја волја. Денеска, не сме се слушнале. Вчера беше последната информација. Сѐ додека не излезе да каже свој став, да каже дека не е присилен, дека ова е доброволно, јас како претседател на Беса имам право да се сомневам дека се држи некаде и не може да дојде во Собранието да си каже својот став, рече Касами.
На прашањето дали ќе успеат како опозиција да обезбедат 62 пратеници како мнозинство, Касами рече дека во моментов за нив е важно здравјето на пратеникот.
Само пред половина час Касами, кога доаѓаше во Собранието, кусо изјави дека не е изненаден од потегот на Реџепи, но не прецизираше што сака да каже со тоа.
Со оваа изјава лидерот на Беса е на ист став како и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.