Католичките и протестантските верници денеска го прославуваат еден од двата најголеми христијански празници Велигден, денот на воскреснувањето на Исус Христос. По овој повод синоќа се одржуваа велигднески бденија, а во скопската католичка катедрала „Пресвето срце Исусово“ беше отслужена Воскресна Света Литургија. Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата и внесување на воскресната свеќата во катедралата. За време на светата Литургија пригодна проповед упати Кирил Стојанов, скопски бискуп и епарх струмичко-скопски.
– Велигденската радост ги исполнува и нашите срца. Секој што верува во Христовото воскресение, веќе совоскреснал со Него. Тој знае дека кревкоста на постоењето, и дека страдањето и смртта го немаат последен збор. Исто така знае дека со Христовата смрт и воскресение злото е надминато засекогаш, дека се скршени оковите на подземниот свет и дека сме извадени од ропството на гревот и смртта како слободни деца Божји. Така, смртта веќе не е страшило што ќе нè исполни со ужас, зашто Бог нè повика на живот и тој исто така, еден ден, кога ќе се врати во слава, ќе ги преобрази нашите тела и ќе ги придружи на своето славно тело. Кој е Христов, нема од што да се плаши. Затоа што самиот Исус порачува: „Не плашете се!“ Среќен и благословен празник Воскресение Христово – Велигден!