Новата влада има помалку министри, ќе штедела. А ќе го намали ли бројот на многуте советници мкои кажуваат мусри работи на министрите и премиерот?
Старо-новиот премиер Зоран Заев изјави дека засега нема назначено ниту еден советник од кого би примал совети како премиер. Но, сепак, најави дека наскоро ќе има и посебен кабинет на советници на премиерот.
-Следува процес на консултации со луѓето и екипирање на институциите – заменици, државни секретари и паралелно се поставува и кабинетот на советници на премиерот. Немам донесено одлуки. Допрва ќе ги донесам одлуките и ќе ги соопштам, изјави премиерот Заев.
Очигледно, советници ќе има и тоа не е нешто кое еден премиер треба целосно да се откаже. Но, лошо ќе биде ако се повторни приказната од претходниот премиерски мандат. Познато е, лани јавноста се скандализира со информaциите со колку многу пари биле плаќани многуте советници на Заев. Прво на виделина излезе сознание дека премиерот има четриесетина надворешни советници, а заедно со внатрешните таа бројка изнесуваше околу шеесетина. Потоа се дозна и за нивните астрономски хонорари. Илјада, илјада и двестотини евра, се сумите со кои секој месец и со години се плаќани советите за кои јавноста се прашува дали Македонија видела некој аир од нив.
На виделина излегоа и имињата и надоместоците на советниците на министерот за надворешни работи Никола Димитров – Виктор Габер, Људмил Спасов, Ана Чупеска… со месеци добиваат надоместоци од илјада до илјада и двесто евра за да го поучат министерот меѓу другото и како Македонија да се справи со проблемот со името. Се слушна, а медиумите и пишуваа и за хонорарите кои во изминативе две години ги земал архитектот Мирослав Грчев, како советник на премиерот и во Министерството за култура: 17.000 евра за 2,5 години…
Но, и покрај скандалот ништо не се смени. Ниту тогаш, ниту подоцна кога во јануари Заев се повлече, а премиерската функција ја презеде Оливер Спасовски. Барем за јавност остана непознато дали се намалија бројот и хонорарите на советниците.
Да почекаме па ќе видиме дали ќе има „откачување“ на скапите советници како Грчев и други. Или, тие ќе бидат поштедени и ќе продолжат да земаат големи хонорари во името на доброто на народот.