Ќе добиеме ли уште една изгубена генерација на деца?

Колумна на Владимир Величковски:

Луѓето не сакаат политички – клише говори. На ден Илинден го прочитав само текстот на авторот Никола Ристановски кој содржи личен поглед на стварноста, понепосреден и почовечки израз. Стварност заради која младите фатија усвет и влегоа во неизвесност. Тие што останаа (од немајкаде!) мораа да одберат партиска страна ако сакаат да опстанат. Трагичните подлеби и омразата се колку стара толку и нова работа. Но тоа го користи (подло) третиот кој слободно тера свои агенди, без оглед на жртвите и пустошењата. Во таква клима и никаква иконографија какво значење може да има коњичкиот марш? Досега ниту еден политичар не го спомнал уметничкото дело пред кое држел говор. Можеби така треба, но тоа секако е дел и од нашата „функционална неписменост“. Ќе потсетам дека е та чин и на култура, а уметничките дела се елитен идентитетски белег на националната култура. Во таков контекст ќе укажам на неколку имиња: Димо Тодоровски ја изработи бронзената фигура „На Мечкин камен“, а Јордан Грабуловски – Грабул, со Искра Грабул и соработка со Борко Лазески (витражот) и Петар Мазев (керамопластика) го создадоа модернистичкиот споменички комплекс „Македониум“ (кој ги симболизира двата Илиндена) од 1974 година: се во знакот на македонското Илинденско востание и Крушевската република. Георги Константиновски го проектираше Меморијалниот центарна АСНОМ во Пелинце, кумановско а мозаичната композиција на фасадата на Центарот е дело на Рубенс Корубин (2004 – 2005 година).

Со загриженост гледавме како пожарите опустошија големи површини со шуми и пасишта: за среќа, тие се повлекоа благодарение на помошта што ја добивме од други земји. Останува дилемата дали станува збор за небрежност и погодни услови за опожарување или за нечија злоба и ситење во несреќата?! Природата, тешко ранета се буни. Високите температури и глобалното затоплување се токму тоа, како и здравствената пандемија со непознатиот вирус Ковид-19 кој коси немилосрдно! Се најавува четврти бран (кој носи нов страв и неизвесност) а за неколку дена почнува новата учебна година. Се предлага комбиниран пристап, но како ќе делува новиот режим во животот и учењето на интелектуалниот и емотивен развој на децата е неизвесно: можеби ќе добиеме уште една изгубена генерација! Новите ковид мерки беа дочекани „на нож“, како „класичен фашизам“ против човечките права, преземајќи го револтот (за свои теснопартиски цели) од протестите во светот.

Скапата прослава 20 години од Охридскиот рамковен договор е самоволие и, пред се, ми асоцира на – пораз! Кои беа причините, а кои се нерешените болни последици? Зошто задоцнивме со донесување на нашите „црвени линии“ за преговорите со Бугарија? Веројатно чекавме наместо политичарите тоа да го направат другите учени „патриоти“! Станавме колонизирана држава – во распад!

Претходна вестДвајца туристи од Македонија се удавиле во Албанија
Следна вестУапсен дрвокрадец од Скопје, бил агресивен и кон Шумската полиција