Сериозно висока бројка на македонски државјани побараа спас во форма на вакцинација во Србија. Според информациите што ги објавија српските здравствени власти во Врање, досега со првата доза се вакцинирани 10.390 македонски граѓани, додека со втората 4.179. Најголем број македонски државјани ја примиле кинеската вакцина Синофарм, додека помал број онаа на Фајзер.
Уште на самиот почеток, додека македонските здравствени власти најавуваа но немаа ниту една вакцина на повидок, илјадници Македонци во само еден викенд отидоа во Србија за да се имунизираат – ситуација што самиот претседател Стево Пендаровски ја нарече срамна за нас како држава. Оттогаш, и покрај дозите на вакцини кои стигнуваа, не престана реката од македонски граѓани кои спасот го бараа во соседната земја на север.
Логично, сега, се наметнува прашањето – кога и самиот претседател признава дека треба да се срамат како власт, најмалку што треба оваа земја да направи е барем паушално да им ги врати трошоците на луѓето, кои и покрај загарантираното уставно право на здравствена заштита, не ја добија дома па плаќаа за да стигнат до соседната земја.
Ваква иницијатива предложи опозицијата. Но, до овој момент нема одговор од власта дали ќе им ја надомести штетата на своиите граѓани за нешто што мораа да го добијат дома, но отидоа да го бараат, очајно, надвор. Затоа, пак, им даде „отштета“ на српските граѓани – Владата ги чести патарини низ Македонија до границата со Грција.