Ќе ги послуша ли Владата невладините за Водно или хациенди и натаму ќе ја масакрираат планината?

Откако медиумите и јавноста непрестајно алармираат за пустошењето на планината Водно од разни градби за кои преку ноќ се добиваат дозволи, особено во делот кај Нерези, 38 граѓански здруженија побараа од Владата да се донесе посебен закон за Водно. Инсистираат на интегрирана заштита, односно планината целосно да се сочува, во спротивно, 40 проценти што сега не се предвидени со законот ќе бидат уништени од градби, а ризикот заради почвата и натаму е огромен.

Опасноста од „спуштање“ на планината во градот, ќе ни биде казна за тоа што ја повредуваме, велат скопјани.

-Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која не дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот, не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град… внатре во заштитениот појас на шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели… Ова не смее да се дозволи по ниедна цена! Вистинската заштита на Водно која му е неопходна и е од највисок приоритет, произлегува од неговата примарно безбедносна функција во штитење на граѓаните и градот од ерозија и поројни поплави. Во изминативе 92 години, за Водно се направени многу проценки, изработени се многу планови и студии, зошто Водно било голина која била опасност за жителите и градот кој растел и во етапи се пошумувал, за денес да е она што го знаеме, велат здруженијата во писменото барање од Владата.

Воедно, тие бараат и сите релевантни фактори да се вклучат во анализите за неопходноста од целосна заштита на планината. А дали владата ќе ги послуша, или ќе остане на своето решение кое дозволува одреден дел од Водно да биде плодна почва за луксузни зданија ќе се знае во периодот што следи.

Претходна вестМожеби доцни, но зима ќе има – следните денови температури и до -17 степени
Следна вест„Дедо и внук“ до вторник во Кинотека на Македонија