Ќе ја средува ли Макрадули и „Пошта“ како што го среди загадувањето?

Доскорешниот заменик министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули е избран за нов директор и претседател на Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија“. Макрадули неодамна, со одлука на Владата, беше избран за член на ова државно претпријатие кое се соочува со големи финансиски загуби.

Овој истакнат кадар на СДСМ доаѓа на местото на досегашниот директор Ејуп Рустеми кој пак како истакнат кадар на друга партија замина на директорска позиција во Јавното претпријатие „Државни патишта“. Макрадули доаѓа на чело на претпријатието откако Владата најави продажба на оваа акционерско друштво чии проблеми во работата сега се зголемија со тоа што поради стечајот на Еуростандард банка „Пошта“ го загуби и платниот промет.

Колку Макрадули ќе биде успешен во новата задача што е сосема различна од она што до сега го работел? Јавноста него го памети како посветен и успешен човек во борбата со загадувањето. Да, загадувањето еве и синоќа и утрово е големо, ама тој кон крајот на 2018 година го најави владиниот план за чист воздух кој предвидуваше бројни мерки со цел загадувањето на воздухот до 2020 година во Скопје да се намали до 50 проценти, а во другите градови од 30 до 50 отсто. Малку ли е тоа да се има таква цел?

-10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор, топловодната мрежа ќе биде проширена. Понатаму, 20.000 домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3000 домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20.000 домаќинства ќе набават инвертер клима уреди за затоплување, а 2000 домаќинства од ранливите категории граѓани субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ниедно домаќинство кое ќе се грее на јаглен, нафта или кокс, истакна тогаш Макрадули.

Освен ова, Макрадули тогаш најавуваше дека целосно ќе бидат поправени и инструментите за мерење на загаденоста на воздухот на мерните станици.

о Планот се предвидува во 2019 година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 18 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето, најави тогашниот заменик-министер.

Штета не дочекавме сите мерни станици да се направат, ама сигурно тоа ќе биде наскоро. Сега е важно Макрадули да има планови и најави околу поштата. Тоа е новото место каде тој ќе треба да се истакне.

Претходна вестБројката на инфицирани во Скопје надмина 8.000
Следна вестГрад Скопје организира историска тура со Маршалот по Скопје, ќе се запази ли забраната за групирање?