Градските власти работат на воведување на новиот систем на јавниот градски автобуски превоз. Неодамна беше потпишан договор за земање креди од 70 милиони евра од ЕБРД со кој ќе се финансира овој голем проект. Летово се очекува и да биде распишан тендер за набавка на автобусите и изградба на депоата и трасата каде што ќе се движи брзиот автобуски систем. Трасата е веќе утврдена и се очекува првата линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да почне да се рализира кон крајот на оваа година.
Но, едно прашање остана неодговорено. Што ќе се случува со булеварското зеленило кое што сега се наоѓа на средишниот дел од булеварите – „Партизански одреди“, „Кочо Рацин“, „Кузман Јосифивски – Питу“, „Јане Сандански“…? Дали ова зеленило ќе се мора да се корне за да се создаде посебна траса по која ќе се движат автобусите? Таквото прашање многупати беше поставено во јавноста но не доби конкретен одговор.
Градските власти најавија дека наскоро ќе го претстават целиот проект. Но, што доколку тогаш се покаже дека ова сега убаво уредено зеленило кое има значајна функција во намалувањето на штетните последици од сообраќајот, ќе треба да се уништи?
За ваквото прашање дискусиите мораше да се водат многу порано и на граѓаните да им се предочи планот. Скопје во изминативе години загуби многу зеленило, а нели градот ќе беше зелена престолнина?