Дојде време – патувањето со возило по македонските автопатишта да почнува со калкулатор. Причина за тоа не се само цените на бензините кои постојано растат туку и цените на патарините (кои ги насадија насекаде). Е може ли така да се развива економија, раздвиженост… во Македонија?
Така, на пример, само за возење од Скопје до Гевгелија и назад, за вкупната делница од околу 300 километри, треба да се платат 720 денари за сите патарини. Тоа е речиси 40 проценти од сумата што ќе се потроши за горивото во двата правци. Доколку се сака да се патува од Скопје до Штип тогаш патувањето преку новиот автопат ќе чини 160 денари, односно, вкупно 320 денари… А ни на другите автопатски делници цената на патарините не е ништо помала. Посебен проблем е тоа што патарини има на сосема мали автопатски делници каде има многу вработени, па трошоци, па службени возила, па…
Надлежните се правдаат дека цената на патарините се утврдува според Законот за државни патишта – по километар од 2,57 денари и дека тие средства се користат за изградба и рехабилитација на патиштата. Директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми неодамна најави дека „во текот на оваа година ќе се разгледаат сите можности околу цените“. Но, се уште ништо.
Време е за брза реакција. Тоа го укажа вчера и „Левица“ која побара намалување на патарините.
– Предлагаме намалување на висината на енормно високата цена на патарините за 50 проценти. Дополнително, со нашите предложени измени, се предвидува одземање на ингеренциите на Владата за регулирање на патарините и трансферирање на ингеренциите на Собранието, се наведува во нивниот предлог-закон доставен со македонскиот парламент.
Како ли ќе реагираат останатите пратеници? Многу од нив земаат големи патни трошоци, а се сеќаваме порано (од претходните парламентарни состави) некои и правеа малверзации со плаќањето патарини.