Киев го одби ултиматумот за предавање на Мариупол, Зеленски бара преговори во Ерусалим

Украинските власти го одбија рускиот ултиматум за предавање на градот Мариупол при што се гарантираше безбеден излез од градот. Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук кажа дека Украина нема да престане да го брани градот.

-Предавање и положување оружје не доаѓаат предвид, изјави таа. Од кабинетот на градоначалникот изјавија дека ќе продолжат со борбата до последен војник.

Шефот на рускиот центар за управување со одбраната Михаил Мизинцев изјави дека руските сили ќе им дадат можност на националистите денеска да го напуштат Мариупол без оружје преку хуманитарните коридори од 10 до 12 часот по московско време.

– В понеделник од десет часот наутро ќе бидат отворени хуманитарните коридори од Мариупол во источниот и западниот правец, изјави синоќа Мизинчев.

Тој додаде дека „околу 130.000 цивили, меѓу кои 184 странци од шест земји, се уште се држат како заложници во градот”.

-Украинските вооружени единици и странските платеници ќе можат да го напуштат градот без оружје и муниција на рутата договорена со Украина од 10 до 12 часот по московско време, рече Мизинцев, додавајќи дека хуманитарните конвои треба да пристигнат во градот од 12 часот напладне.

Мариупол со недели е во окружување на руските сили. Се верува дека во градот се заглавени околу 300.000 луѓе, додека залихите се намалуваат, а доставувањето помош е блокирано. Градот одамна е без вода, струја и греење.

Од друга страна, делегациите на Украина и Русија треба да се сретнат утрово во нова рунда преговори преку видео-врски. Вицепремиерка Ирина Верешчук изјави за украинските медиуми дека на Москва и било кажано „не се зборува за предавање“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира на можна средба со неговиот руски колега Владимир Путин. Тој во синоќешното обраќање рече, меѓу другото, дека Израел прави напори да посредува меѓу Украина и Русија и дека во таа земја може да се одржат идни мировни преговори на високо ниво.

– Порано или подоцна ќе треба да започнеме преговори со Русија, можеби во Ерусалим. Тоа е вистинското место да се најде мир, ако е можно, рече Зеленски.

Европската Унија работи на петтиот пакет санкции против Русија поради ситуацијата околу Украина, соопштија денеска дипломатски извори.

Портпаролката на Белата куќа рече дека претседателот Бајден ќе отпатува во Полска за да разговара за „хуманитарната криза и кризата во човековите права создадени од неоправданата, неиспровоцирана војна на Русија против Украина”. Американската Влада ги негираше шпекулациите дека претседателот Бајден ќе ја посети Украина за време на неговата посета на Европа.

Претходна вестСДСМ: Мицкоски се откажа од протести, нема поддршка од граѓаните
Следна вестДобро е што почна акција за чистење на Скопје, ама џабе ќе е…