Кина го осудува како што велат „погрешниот и опасен пат“ по којшто тргнува партнерството меѓу САД, Велика Британија и Австралија во врска со програмата за продажба и заедничко производство на подморници на нуклеарен погон. САД, Австралија и Велика Британија синоќа ги открија деталите за планот со кој Австралија ќе се снабди со офанзивни подморници со нуклеарен погон на почетокот на следната деценија за да се спротивстават на амбициите на Кина во индо-пацифичкиот регион.
Австралија со тоа својата флота на дизел подморници ќе ја замени со флота на подморници на нуклеарен погон, која се карактеризира со многу поголема невидливост и дострел.
Оваа замена ќе се направи прво со купување на американски подморници, а потоа со производство на австралиска територија на нов тип подморница која заедно ќе ја дизајнираат САД, Велика Британија и Австралија.
Пекинг очекувано ја осуди оваа иницијатива на САД, Велика Британија и Австралија.
– Овие три земји одат по се попогрешен и поопасен пат во корист на нивните геополитички интереси и целосно непочитувајќи ги грижите на меѓународната заедница, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.
Кина со особено незадоволство гледа на зближувањето меѓу Тајван и САД што трае во последните години. Вашингтон веќе неколку децении обезбедува воена поддршка на островот, кој Кина го смета за своја отцепена провинција.