Колумна на Никола Тасев:
Власта се сети на екологијата. Додуша Заев и министрите на екологија се потсетуваат често кога треба да прават кампањи, ама овојпат конкретно се посветуваат на чистата средина. Треба ли да се радуваме премногу, особено откако кажаа дека прво што ќе тргнат да „чистат“ се нашите џебови и сметки?
Визионерски тргнуваат да ја средат екологијата со нови давачки. Ќе ни прават зелена околина, ама прво ќе имаме црвени салда во домашниот буџет. Е зошто така бе владини екологисти?
Тргна ли економијата без сопирачки во удолница и покрај сите прогнози од економските ресори дека сме одлични – за „петка”. Нема изгледа свежи пари, нема инвестиции… Затоа ли со сите сили се турка новата давачка за граѓаните – еколошката такса на горивата? Од тука ли ќе се дополнува кусокот во буџетот, вака ли ќе се обезбедуваат средства за нови тендери?
Инаку, во многу држави постојат разни еколошки давачки, кои обично ги плаќаат тие што загадуваат. Кај нас треба да плаќаат загадените. Во другите држави постои и јасен план од каде се собираат средствата, план на што ќе се трошат, а има и јавен отчет колку е потрошено и колкав ефект по заштитата на животната средина има со конкретен проект. Во Македонија постои само план од каде ќе се соберат парите, во овој случај од граѓаните, а за тоа каде ќе се трошат, планот е: „ќе видиме”.
Да се разбереме, не е спорна потребата од инвестирање во екологијата, но спорно е како ќе се соберат потребните средства и како ќе се трошат. Зошто Владата не штедеше на непродуктивни трошења и така ќе добиеше потребни средства? Скапиот мебел, многуте удобни лимузини, шведските маси, патувањата… сега не можат да помогнат во екологијата? Е не можат, ама народот се тоа ќе плати, нели?
Од друга страна се сеќавате на Фондот за иновации, кој пред две – три години раздаваше пари за иноваторски проекти на членови на семејства на високи функционери од владејачката партија. Епа која е гаранцијата дека и некаков си нов Фондот за екологија во кој годишно ќе се слеваат околу 55 милиона евра нема како најеколошки проекти да ги препознае само оние со „фамилијарен партиски печат”?
Или замислете ја оваа ситуација, ние ќе го наполниме буџетот со дополнителни пари, а тие ќе купат лимузини на хибриден погон и тоа ќе го претстават за нов импулс во подобра екологија во Македонија. Ова е многу веројатно кај нас, нели?
А да си еколошки свесен не значи само да се промовираш како таков, туку и да даваш личен пример. Еве кога премиерот со својата екипа се развозува со мотори по македонските планини користи ли еколошко гориво?
Или градоначалниците преземаат ли нешто околу дивите депонии кои ги трујат граѓаните? Инспекциските служби казнуваат ли загадувачи без пардон? Што е со мерните станици за воздух – не работат со години? Скопје пак ли ќе дава само празни ветувања дека нема да биде меѓу најзагадените градови во светот?
Ете затоа не треба да се брза со воведување на дополнителни давачки. Прво треба да се има вистински план и вистински намери за почиста животна средина во Македонија. Секако за тоа треба и вистински луѓе, а не функционери кои „кинат зелени“, а мислат дека тоа е екологија.