Кинескиот министер ги ислушал апелите на Заев, брзо ќе пренел во Пекинг за вакцините

Без конкретен датум за испорака на кинеските вакцини против корона вирус на Македонија помина денешната посета на кинескиот министер за одбрана генрал Веи Фенгхе. Македонската Влада денеска соопшти дека на средбата со него премиерот Заев ја искажал желбата вакцините да бидат што побрзо испорачани.

-Премиерот Заев на средбата апелираше министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм” за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата која започнува утре, се наведува во владиното соопштение.

Во информацијата се наведува дека министерот соопштил дека пораката ќе биде пренесена.

-Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради Ковид-19, информира владината служба.

Средбата со кинескиот министер за одбрана се очекуваше со посебно интересирање бидејќи премиерот Зоран Заев неодамна најави дека тој би можел да го каже датумот кога кинеските вакцини ќе бидат испорачани на наша земја. Меѓутоа, и по оваа посета неизвесноста, очигледно, продолжува, a започна откако Кина ни го врати уплатениот капар за вакцините, по што на површина излезе дека нашите власти се обиделе да дојдат до кинеските вакцини преку мала фирма со седиште во Хонг Конг, а не директно во контакт со властите во Пекинг… 

Претходна вестСпоред договорот Заев-Мицкоски: Локалните избори би се одржале на 24 или на 30 октомври
Следна вестМој Термин: За следните 10 дена пуштени се 9.577 вакцини, а пријавени се 5.976 граѓани