Кирил Петков е мандатар на новата бугарска влада

Бугарскиот претседател, Румен Радев, претпладнево му го врачи мандатот за формирање на нова бугарска Влада на Кирил Петков, копретседател на победничката партија на изборите од 14 ноември „Промените продолжуваат“.

Заедно со Петков, на чинот на предавањето на мандатот присуствуваа и вториот копретседател на „Промените продолжуваат“, Асен Василев, кандидатот за вицепремиер Калина Константинова и претседателот на пратеничката група Андреј Ѓуров.

Се очекува во 13 часот во зградата на Народното собрание првите луѓе на „Промените продолжуваат“ да ја презентираат структурата и составот на новиот Совет на министри на Бугарија.

Ова ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија – четирипартиска, што се случува првпат во последните 32 години од воведувањето на повеќепартискиот систем. До крајот на денот се очекува да биде потпишан Договор за коалиција од лидерите на четирите партии: Кирил Петков, Асен Василев, Корнелија Нинова, Слави Трифонов, Христо Иванов и Атанас Атанасов.

Извршното биро на БСП денеска ќе одржи состанок за усвојување на коалицискиот договор за формирање на новата бугарска влада.

Според верзијата на договорот што ја објавуваат бугарските медиуми, идната влада ќе има четири вицепремиери. Единствено партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ ќе биде без вицепремиер, но ќе има четири министерства.

Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори на 14 ноември „Промените продолжуваат“. Таа ќе има и двајца вицепремиери кои ќе бидат и министри за финансии и ефикасно владеење. „Промените продолжуваат“ ќе имаат и министри за образование, здравство, внатрешни работи, одбрана, транспорт, како и министер за раст и иновации и култура.

БСП ќе има министер за социјала, вицепремиер и министер за економија и индустрија, како и министер за земјоделство и министер за туризам.

Партијата „Има таков народ“ ќе има министри за енергетика, за надворешни работи, за регионален развој и за спорт.

„Демократска Бугарија“ ќе раководат со министерствата за правда како и за е-влада и ќе имаат вицепремиер, кој ќе биде и министер за животна средина и води.

Претходна вестКавга пред училиште: Моето дете се гуши од маската, дозволете да влезе на настава без неа
Следна вестСнегот донесе забрана за тешки моторни возила на повеќе места во западна Македонија