Кисела Вода и годинава ќе ја субвенционира набавката на пелети и огревно дрво за домаќинствата. На општинската веб-страница денеска е објавен јавен повик за двата типа на поддршка.
-Согласно наведените критериуми, субвенционирањето за кофинансирање за набавка на пелети за домаќинствата на територија на Општина Кисела Вода, ќе биде во износ од 50 отсто од вредноста, но не повеќе од 10.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Притоа, потребно е да се достави доказ дека е извршено купувањето на пелетите во периодот од 1.1.2024 година до завршувањето на јавниот повик, со приложување на фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оригинална форма. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства во буџетот на Општина Кисела Вода, а најдоцна до 31.10.2024 година, соопшти Општината.
Во врска со поддршката за набавка на огревно дрво, Општина Кисела Вода ќе субвенционира по 500 денари, со вклучен персонален данок, за секој купен метар кубен дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри дрва или по 350 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен метар просторен дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 14 метри просторни дрва за огрев.
Право на учество за користење на субвенциите за дрвата за огрев ќе имаат граѓаните кои ги купиле во периодот од 1 април, до денот на објавување на јавниот повик.
-И за оваа субвенција ќе биде потребен доказ кој ќе биде доставен во форма на потврда, испратница или останат документ (фотокопија) кој го потврдува купувањето/добивањето на дрвата за огрев, при што за веродостоен ќе биде со датум од 1 април 2024 година и тој ќе се поднесува заедно со потребната документација во затворен плик преку архивата на Општина Кисела Вода до Комисијата за спроведување на постапката. Подетални информации околу субвенциите за набавка на дрво за огрев, заинтересираните можат да добијат на телефонскиот број 02/2785-427, наведе Општината.
И за двата повика селекцијата ќе се врши по принципот на прв дојден-прв услужен. Целата потребна документација за аплицирање и сите дополнителни информации се достапни на веб страната на Општина Кисела Вода.