Фолклористот Марко Китевски, актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков и мултимедијалниот уметник и еден од авторите на ТВ-емисијата „К-15“, Љупчо-Бубо Каров се годинашни добитници на државната награда „11 Октомври“, највисокото признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Македонија.
Како што соопшти Министерството за култура, Каров, Темков и Михајловски се наградени за животно дело во областа на културата и уметноста, а проф-др Китевски, кој е истражувач на македонскиот фолклор за животно дело, во областа на науката.
Претседателка на Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“ е проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.
Државната награда се врачува во Собранието на Македонија на 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ.