Ракометните репрезентативци на Македонија денеска имаат натпревар против Аргентина. Дали овој настап ќе донесе конечно победа на Светското првенство во Полска и Шведска, ќе се изборат ли за пласман во втората фаза?
Ова е прашањето на кое одговор пред се треба да дадат играчите на теренот, но и нивниот селектор Кире Лазаров. Победа очекува македонската јавност, победа заслужија верните навивачи кои во Полска беа најдобриот дел од претходните два натпревари.
Ќе има ли повеќе борбеност и желба за победа кај играчите? Со триумф над Аргентина избраниците Лазаров ќе го продолжат мундијалскиот настап во новоформирана група.
Селекторот Лазаров на вчерашната прес – конференција нагласи дека со максимална концентрација и фокусираност Аргентина може да биде совладана.
-Дојдовме тука со цел да ја минеме првата фаза и утре е главната битка за нас со Аргентина. Станува збор за екстра квалитетен противник кој и вчера со Норвешка покажа дека игра цврст и добар ракомет. Сметам дека сме тука некаде со квалитетот, доколку сакаме да победиме мора да одиграме максимално во сите шеесет минути, изјави Лазаров.
Минатите два натпревари кои македонските избраници ги изгубија со многу голови разлика се карактеризираа со многу направени грешки. Ќе се поправат ли овој пат тие аномалии?
– Се надевам дека ќе бидеме посконцентрирани и дека ќе ги избришеме грешките од нашата игра. Сега сите играат брз ракомет, сите трчаат. Трчаме и ние, ќе победи оној кој ќе направи помалку грешки, изјави голманот Никола Митревски.
Македонија ќе навива со срце. На потег се ракометарите.