Ќе ги снема долгите редици: Од утре и во пунктот „Пролет“ лични документи само со закажување

Хаосот околу наметнатото менување на личните документи уште трае. Претходното раководство на МВР даваше објаснувања, се трудеше, ама…

Сега пак со новиот министер се најавува дека ќе се барал спасот од проблемот кој ги понижува и малтретира граѓаните, а без да се виновни за тоа. Од утре, среда, пунктот за фотографирање за лични документи во ПС „Пролет“ нема да работи без закажување туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.

Во склоп на пунктот во ПС „Пролет“ ќе функционираат 14 базни станици, на кои ќе се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена.

Трансформацијата се прави со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок. Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации.

-Ги известуваме граѓаните дека во наредните денови закажувањето на термини за фотографирање за лични документи ќе биде само телефонски, а закажувањето преку интернет поради технички причини нема да биде можно во наредните денови, соопшти МВР.

Дали е ова доволно за да се реши напластениот проблем кој ќе остави илјадници лица без пасоши во кои е впишан омилениот збор на власта – „Северна“? Многу луѓе ќе останат во „државен притвор“ и нема да може да патуваат во странство поради лошата досегашна организација во МВР.

Претходна вестПовеќе за сите: СДСМ изгради и обнови 82 градинки
Следна вестДинамо не го пријави македонскиот репрезентативец Адеми за натпреварите во Европа – навивачите гневни