Ќе го продлабочиме расцепот или повторно ќе се обединиме?

Колумна на Ивица Боцевски:

Чуму му е речникот на поделбите на Стево Пендаровски? Во сите свои настапи актуелниот претседател зборува за две Македонии, манихејски ја оцрнува едната Македонија (опозициската), а ја воспева другата (владината), враќајќи не во втората половина на претходната деценија кога еден неранимајко, Зоран Заев, користејќи го истиот тој политички речник, ја однесе земјата во амбис.

Во моментов, најудобна местоположба за мене би била да излегувам од самото јадро на моите истомисленици. Целокупната борба за Македонија, најмалку од Заевиот бојкот на Собранието во 2014 година (но и од многу порано), па до денешен миг, ги надмина и најзлокобните предвидувања и на најтемните касандри во македонската политика. Противењето кон Заевите безумни политики создаде една јатка македонски интелектуалци што прво предупредуваа, потоа се противеа, за на крајот да даваат и активен отпор кон чудовиштето што ни растеше пред очите. Сиве овие години поминати во жестока борба го зацврснаа тој скелет на интелектуалното спротивставување кон сите разградувачки политики. Тоа е мојот круг соборци и навистина за мене ќе беше најлесно да останам во рововите, особено сега, кога се развеа сета магла, испарија сите привиденија и вистината излезе на виделина. Меѓутоа, секој интелектуалец има одговорност кон целото општество. Оттука е нужно да се излезе од рововите, да се подаде рака и повторно да се обединиме, макар околу најосновните вредности, а тоа се заштита на македонската државност, одбрана на македонскиот идентитет и повторно воспоставување на македонската демократија.

Пред две години бев дел од една иницијатива на македонските интелектуалци, која излезе со прогласот насловен „Македонизмот е легитимна еманципаторска идеја. Чуму ѝ е на Европа една размакедончена Македонија?” Ние тогаш го надминавме клучниот расцеп од 2010-тите година, расцепот помеѓу „шарена Македонија” и „патриотска Македонија”, затоа што ги видовме темните облаци што веќе се надвиснуваа над земјата. Прогласот беше дочекан на нож, затоа што веројатно не бевме подготвени да ја видиме големата слика и да ги согледаме последиците од врвицата кон која нè втурнаа Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Денес нештата отидоа подалеку и од нашите тогашни најпесимистички прогнози.

Време е повторно да се обединиме и конечно заедно да зачекориме во 2020-те. Клучно за тоа е да ги испратиме во политичка пензија сите корифеи на поделбите од претходната деценија, вклучително и Стево Пендаровски и неговата реторика.

Претходна вестРед партиски митинзи – ред работнички протести, министрите каде одат почесто?
Следна вестЌе ги издржиме ли сите убавини што ќе ни ги донесат?