Ќе игнорира ли комисистот Ѓоргиев 12 членови на МАНУ?

Голем дел од научната јавност во Македонија секојдневно – континуирано укажува на неприфатливоста на препораките истакнати од историчарот Драги Ѓоргиев и македонските членови на историската македонско-бугарска комисија. Со настапи во медиумите, со отворени писма, на социјалните мрежи… научниците искажуваат вчудоневиденост од постапката на комисистите.

Сепак во јавноста најмногу одекна завчерашната заедничка изјава на над 100 академици, декани и универзитетски професори кои препораките ги отфрлија со индигнација. Ретко кога до сега некоја реакција да ја имаат потпишано дури 8 академици и 4 дописни членови на МАНУ.

Го виде ли тоа комисистот Драги Ѓоргиев кој неодамна беше избран за академик? Ќе одговори ли на укажувањата на претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев и останатите академици потпишани на изјавата?

-Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. „Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација, напишаа македонските научници наведувајќи и повеќе други причини поради кои препораките ги сметаат за ништовни и нерелевантни за нивната понатамошна научно истражувачка дејност.

Ова го потпишаа и многу колеги на Ѓоргиев од Институтот за национална историја. Ќе одржи ли таму комисистот состанок со своите колеги за научно да расправаат околу средновековната македонска историја? Впрочем, зошто немал состаноци и расправи за сето тоа пред да донесува ставови кои се рефлектираат врз цела Македонија?

На многу прашања Ѓоргиев мора да одговори. Идната недела е крајниот рок тој да има јавна расправа со релевантните историчари во Македонија.

Во спротивно, ќе се засили укажувањето на некои негови колеги дека негов најдобар одговор би бил да си даде оставка.

 

 

Претходна вестБеса со 12 мандати во Советот на Тетово, ДУИ со 11, ВМРО-ДПМНЕ со 4, СДСМ со двајца советници
Следна вестУбиена ќерка на соработник на Путин, автомобилот и експлодирал во Москва