Ќе има ли повлекување на владината одлука за ХЕЦ Чебрен?

Треба ли една држава да ги дава на друга држава под концесија своите најголеми национални богатства? Треба ли да направи се за да самата ги користи можностите на својата територија?

Овие прашања се наметнуваат низ светот со години. Најчестиот одговор е дека големи богатства и системи се даваат на други држави ако ептен во домицилната земја има потреба од тоа.

Во Македонија се наметнаа овие прашања повторно минатиов период откако Владата соопшти дека е со намера да доделат на концесија користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија на грчка фирма. Сето тоа би било во рамките на проектот Чебрен.

Воедно власта на Грците би им го дала на користење и ХЕЦ Тиквеш.

Преиспитување и потоа повлекување на ваквата владина одлука бараат повеќе македонски инженери. Вчера во Стопанската комора тие таквата одлука со која грчкиот партнер добива 60-годишна концесија ја сметата за исклучително лоша бидејќи од неа „последиците ќе ги трпат сите македонските граѓани и поколенијата“.

Тие тврдат дека Македонија има капацитет изградбата на Чебрен да ја вршат експерти од земјава, што според нив, би донело многу поволности за нашето општество.

-Можам да кажам дека е лош проектот. Продаваме се што имаме, ќе работиме за туѓи господари, за туѓи дворови. Нема ништо од ова да добие Македонија. Наместо македонското електростопанството, од ваквиот лош бизнис, ќе се офајди грчкиот систем бидејќи во раце ќе ги има сите расположливи капацитети за оваа простројка. А доколку е веќе толку добро, нека земат 51 процент да биде во сопственост на Македонија, 49 грчко стопанство и ќе се реши проблемот. Потенцираме фактите што власта упорно не ги кажува, а од кои е неоспорна неповолноста и скапата цена што сите ние ќе треба да ја плаќаме, вели енергетскиот експерт и универсзитетски професор Константин Димитров од „МАЦЕФ“.

Димитров вели дека е непристојно што во време кога во земјава се дискутира за претседателски и парламентарни избори, државата да и доделува 60-годишна концесија на странска фирма за Чебрен.

Од друга страна пак, директорот за развој и инвестиции во ЕСМ, Виктор Андонов вели дека и македонски фирми ќе учествуваат во изградбата на Чебрен.

-Токму поради важноста на проектот, концептот бил и ЕСМ да биде дел од проектот. Согласно понудата ЕСМ ќе има дел во 33 отсто во заедничката компанија, што значи дека и ЕСМ ќе биде активен во овој проект. Изградба на патот, приклучната мрежа, експропријација и инженерите ќе бидат вклучени во реализацијата на овој проект, вели Андонов.

Пред некој ден енергетичарот Зоран Митрески, пак, предупреди дека концесијата од шест децении е предолга.

-Животниот век на централите е околу 40 – 50 години. Што ќе ни е она што ќе ни го вратат назад, кога тоа ќе биде руинирано. Нашите деца, од нивниот животен работен век нема да ја искористат таа енергија. Кога би се вратила таа централа назад, таа би била тотално руинирана и тотално бескорисна, тврди Митрески.

Инаку, изградбата на хидроелектраната „Чебрен“ се ветува неколку децении наназад, а до сега имало 13 неуспешни тендери за избор на инвеститор во период од последните 20 години. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра, а ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад. Со тоа што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро.

Претходна вестГруевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски нема да одговараат за „Траекторија“
Следна вестОнкологија го демантира Мицкоски: Не станува збор за ново откритие или скандал