Ќе кажува ли Пендаровски СТОП на секој што се однесува окупаторски кон Македонија?

Странците низ годините се навикнаа да и даваат задачи и лекции на Македонија. Според многумина тоа е така оти македонските политичари сето тоа го прифаќаат без поговор. Затоа и се почесто почнаа кон нашата земја да стигнуваат и наредби, ултиматуми кои многу да и тежат на Македонија, кои се непримерени во светската дипломатија, кои се понижувачки, омаловажувачки и контра на интересите на тукажното население.

Знаат ли македонските функционери да кажат – СТОП?

Деновиве претседателот Стево Пендаровски покажа дека знае. Имено, шефот на бугарската дипломатија кажа дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот на промена на македонскиот устав, а Пендаровски му  одговори:

-Барањето од Софија е скандалозно. Такви барање не упатуваат ни окупаторите кон земјите, териториите, државите кои ги окупираат. Во 21 век е апсолутно непримерно да бара, да се мешаат во внатрешната политика и внатрешните политички и уставни процеси, изјави претседателот.

На ваквата реакција на македонскиот претседател веднаш дојде и посмирувачкиот одговор на Милков.

Значи, можело и така – на апсурдни барања да се одговара подиректно и појасно што е што и до каде може да се оди во комуникацијата. Зошто тоа не се правеше почесто до сега?

Да, факт е дека шефот на македонската држава последните недели имаше и друга јасна реакција кон Бугарија кога на тамошно обвинување дека во Македонија се враќаат “црни традиции на палење, стрелање и насилство“, Пендаровски го испрати да ја посети Ваташа каде бугарската окупаторска војска изврши масакр на 12 млади лица во 1943 година.

-Во однос на изјавата на господинот технички министер за надворешни работи… Тоа е прилично грозна изјава.. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот 1941-1944 година. Кога техничкиот министер за надворешни работи ќе има време може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција, кажа Пендаровски.

Но сепак дали имаше и многу други поводи кога мораше да се реагира далеку појасно? И не само Пендаровски, туку соодветни, достоинствени реакции треба да има и од премиерот Ковачевски. И не само кон Бугарија, туку кон сите кои се обидуваа низ годините да газат по Македонија?

Политиката на молчење, на попуштање и невозвраќање, па дури и на изливи на „љубов“… којашто ја практикуваше македонската страна – видовме до каде ја донесе земјава.

Можат ли македонските врвни политичари да бидат барем во иднина подостоинствени?Заради доброто на Македонија.

Претходна вестИстражување: Прекумерното земање антибиотици е опасно за луѓето
Следна вестФестивалот „Литера“ ќе откупи дела на илустратори што ќе учествуваат на конкурсот „Свет со љубов