Скопјани со многу радост гледаат на секоја новонаправена улица. Тоа ретко се случува, ама сепак има понекогаш и радости.
Таква радост предизвика и новоотворената делница на булеварот „Васко Карангелевски„ во скопски Аеродром. Но, радоста брзо престана и почна загриженоста.
Повредена жена, превртен автомобил, голема штета… е епилогот од вчерашната сообраќајка баш на таа новоотворената улица. Полицискиот увид ќе покаже кои се причините за незгодата, но на некој начин се случи она на што претходно предупредија граѓаните: дека улицата и крстосницата се направени така што не се баш јасни правците, нема семафори, нема доволна прегледност…, сето ова е собрано како опасност посебно на големата крстосница кај ОУ „Љубен Лапе“. А таму секојдневно поминуваат бројни ученици.
-Тука не се знае кој јаде кој пие, кој има предност, навечер не се ни гледаат тротоарните триаголници, ако не се постави кружен тек или семафор безбедноста за децава е катастрофа, под итно да се извршат корекции на улицата, коментираат граѓаните на социјални мрежи.
Вчера и општина Аеродром побара од Градот Скопје да изврши ревидирање на сообраќајното решение за оваа сообраќајница којашто ќе биде уште попрометна кога ќе се отвори мостот кај спортската сала. Градските власти, меѓутоа, вчера останаа без одговор на барањата на граѓаните и на општинските власти.
Очигледно е дека е дозволено возилата да се движат по улицата кога се уште не се исполнети сите услови за безбеден сообраќај. Секако, и возачите мора да се побудни и посмирени на вакви места, а не само да стискаат на гаста. Инаку, на самата крстосница има и полициска станица…
Сепак, главниот кој треба да реагира е Град Скопје. Се покажа дека оние сообраќајни експерти коишто ја проектирале сообраќајницата не го направиле најдоброто можно решение.
За да се увиди какви се проблеми може да донесе оваа сообраќајница и вкрстувањето имаше доволно време. Во изминативе неколку години, откако се прави ова маратонска реконструкција и чиј завршеток многу доцнеше, скопската градоначалничка Данела Арсовска и градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски неколку пати го посетија теренот. Се фотографираа и си заминуваа.
Сега мора да се реагира не само заради фотки, туку поради безбедност на скопјани. Дали ќе биде доволно поставување само на семафори или и нешто друго? Нешто мора да се направи, исто како што и возачите ќе мора многу повеќе да внимаваат на оваа раскрсница и да возат побавно и со навремено реагирање.