Ќе се гласа и со истечени лични документи, само ако истекле во рок од 9 месеци пред изборите

Согласно Изборниот законик, во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите, според актот за распишување на изборите, кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија.

Оние граѓани кои ќе наполнат 18 години во периодот меѓу претседателските и парламентарните избори ќе бидат впишани во избирачкиот список само за парламентарните избори, информираат од Државната изборна комисија. Сепак потенцираат дека иако ќе бидат впишани во избирачкиот список, за да гласаат ќе мора да поседуваат документ за лична идентификација.

– Согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите оваа година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Тоа конкретно значи дека на претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 24.07.2023 година доденот на изборите 24.04.2024 година, период од 9 месеци.

На парламентарните избори пак ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите 08.05.2024 година, информираа од ДИК.

Ова известување, ќе биде составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите, според кое ДИК ќе ја врши и законската задолжителна обука на сите избирачки одбори.

Во однос на правилата за избори во дијаспората од ДИК појаснуваат дека за избор на пратеник од седмата изборна единица треба да има најмалку 5355 гласачи кои ќе се регистрираат за гласање .

– За да биде отворено гласачко место во конзуларна канцеларија во странство, треба да бидат пријавени најмалку 10 гласачи. За да биде избран пратеник од седма изборна единица, треба да освои гласови колку што најмалку гласови имал пратеник од државата на последните избори – тоа значи дека треба има најмалку 5355 гласачи треба да има вкупно регистрирани во сите дипломатски канцеларии во странство, за да има организирање на вакви гласови, рече портпаролката на ДИК, Љупка Гугутчевска.

Претходна вестСо Законот за нефер трговски практики ќе бидат опфатени најмалку 2.300 производи, вели Бектеши
Следна вестЃорческа се пласира во четврт-финалето