Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, ги потпиша договорите со Министерството за транспорт, за реализација на вкупно 21 инфраструктурен проект на територијата на општината, со вкупна вредност од преку 280 милион и денари.
Со овие проекти, во наредниот период ќе се реконструираат и асфалтираат улици во вкупна должина од преку 20 километри, опфаќајќи вкупно околу 90 улици и краци низ сите населени места во општината.
Инвестициите ќе се реализираат во Волково, Орман, Кисела Јабука, Кучково, Стопански Двор и Ново Село, а предвидено е уредување на локални улици и краци, пристапни патишта, поставување на ново улично осветлување, како и изградба на нова јавна површина со модерен плоштад и урбана опрема.
Овие проекти се одобрени преку вториот јавен повик на Владата на Република Македонија за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти во локалните самоуправи.
– Со реализацијата на 21 проект, со вредност од преку 280 милиони денари, Ѓорче Петров добива значајно подобрена и современа инфраструктура. Асфалтираме повеќе од 20 километри улици, односно, околу 90 улици и краци, за поудобно и побезбедно движење на нашите граѓани. Благодарност до Владата и до проф. д-р Христијан Мицкоски за довербата и поддршката. Продолжуваме посветено и плански да ја развиваме општината – изјави градоначалникот Александар Стојкоски.